Охрид, 23. јули 2024 (ИНПРЕС) – И во текот на цела година, но особено во текот на летната сезона избива на површина сообраќајната (не)култура.
Со чест на исклучоците, но сообраќајната култура, етиката, толеранцијата во сообраќајот, сè уште не се на задоволително ниво.
Читатели на InPress до нашата редакција повторно испратија фотографии од скутери и мотори паркирани на тротоар.
– Тротоарите се претворени во паркиралишта за мотори. Наредени еден до друг како сардини, не може да се помине, а најголем проблем е што се оставаат непосредно до пешачките премини, со што за нас како пешаци е отежнато нормалното преминување на коловозот и ни се загрозува безбедноста. Слична е сликата и пред популарните скалички за „влез“ во чаршијата, реагираат граѓаните.
Покрај тоа тротоарите неретко се окупирани и од паркирани возила.
Охрид веќе подолг период е исполнет со гости, а пред нас се два викенди, особено продолжениот Илинденски, кога се очекува наплив на домашни и странски гости. Сето ова во комбинација со бројните музички настани што нѐ очекуваат укажува дека ќе се изнагледаме окупирани тротоари, па и зелени површини.
Решение за ваквата состојба се катните гаражи на кои чекаме долго време, кои доколку се изградат, значително би го олесниле паркирањето во овој дел на градот и би придонесле гостите да заминуваат од Охрид со поубави искуства и впечатоци. (Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес