Охрид, 19. февруари 2025 (ИНПРЕС) – Пишувано, зборувано, коментирано, но и понатаму демонстрирањето на сообраќајна (не)култура е присутно речиси на секој чекор.
Читатели до редакцијата на InPress постојано испраќаат фотографии од возила паркирани на тротоар.
Секоја чест на исклучоците, но сообраќајната култура, етиката, толеранцијата во сообраќајот, сè уште не се на задоволително ниво. И понатаму она што треба да биде нормално сообраќајно поведение, придржување кон знаците, правилата и прописите се почитува или кога ќе има присуство на полициски службеници или ако за истото се пишуваат казни.
И понатаму возила се оставаат паркирани на тротоар како да е предвиден за нив, а оние „посовесните“ ги паркираат возилата на дел од коловозот покрај тротоар, но со вклучени четири трепкачи. Често пати и велосипеди знаат да бидат оставени на тротоар.
Граѓаните коментираат дека заради ваквата состојба се приморани да одат по коловозот, доведувајќи се во опасност.
По којзнае кој пат апелираат до учесниците во сообраќајот да бидат посовесни и поодговорни, но и што поскоро Охрид конечно да ја добие најавената катна гаража што значително би го олеснила паркирањето. (Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес