October 11, 2015

Анкара, 11.октомври 2015 (ИНПРЕС) – Двете експлозии на мирниот протест во главниот турски град Анкара усмртија 95 лица, а повредија 245, соопштија турските власти.

Експлозиите се случија во близина на железничката станица додека луѓето се собирале за маршот организиран од левицата.

Ова е најголемиот напад откако Турција пред 92 години стана република.

Турскиот премиер Ахмет Давутоглу прогласи тридневна жалост поради терористичкиот напад и соопшти дека постојат докази дека двајца бомбаши-самоубици го извршиле нападот, за кој засега никој не презема одговорност.

– Тоа е напад врз цела Турција, против турската демократија. Зад нападот може да се одговорни сите терористички организации кои дејствуваат во Турција. Потенцијално осомничени се Исламска држава, Курдската работничка партија (ПКК) и ултралевичарските Марксистичко-ленинистичка комунистичка партија и Револуционерна партија и фронт за народно ослободување. Сите тие се способни за таков напад. Независно кој го изврши нападот, извршил напад врз човештвото, рече Давутоглу.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган изјави дека нападот, која се случува на неколку недели пред изборите, е чин на тероризам и е „одвратен“.

Прокурдската ХДП партијата, чии членови исто така биле дел од протестот, во соопштението истакна дека нејзините членови веројатно биле главната мета да нападот. Лидерот на ХДП ја обвини државата и разузнавачките служби за нападот, кој го нарече „голем масакр“, и ги откажа сите предизборни собири.(Крај)

извор:НоваТв фото:архива