January 15, 2015

Лондон, 15. јануари 2015 (ИНПРЕС) – Балканот може да биде следното место на кое рускиот претседател Владимир Путин ќе ја продолжи својата политика на дестабилизација, пишува лондонскиот „Фајненшл тајмс“.

Во написот се наведува дека на ваквата можност неодамна предупреди и германската канцеларка Ангела Меркел.

– Во текот на оваа година може да се случи едно од следниве две сценарија. Кремљ може да се повлече од Источна Украина и да се обиде да ги подобри односите со Западот или наместо тоа да преземе нова иницијатива, со цел да го зголеми притисокот врз европските лидери и да го раздели континентот на два дела, сметаат аналитичарите на угледниот „Фајненшл тајмс“.

Според весникот, ограничен е маневарскиот простор на Русија во нејзиното опкружување.

– Голема воена операција во источниот дел на Украина би довела до голем број човечки жртви и нови санкции. Тоа би имало влијание и врз новата Евроазиска економска унија, бидејќи сојузниците на Москва, Белорусија и Казахстан, јасно се изјаснија против промена на границите, посочува весникот.

Во таков случај, според авторот на анализата, логиката покажува дека доколку Русија сака да го зголеми притисокот врз Европа, ќе треба да го направи тоа надвор од територијата на поранешниот Советски Сојуз.

– Такво сценарио го прави Балканот нова жешка точка. Русија сигурно не сонува дека може да ги привлече Босна и Херцеговина или Албанија во својата сфера на влијание и никој на Балканот не сонува за вклучување во евроазиската унија, наведува „Фајненшл тајмс“. Весникот појаснува дека главен трговски партнер на балканските држави е ЕУ, како и дека бизнисот на Балканот гледа во Европа нови инвестиции, а мигрантите – нов дом.

Балканот е слаба точка и на бриселската дипломатија. Балканските банкарски системи се нестабилни. Ако големите компании поврзани со Русија, одлучат да ги повлечат своите пари, може да се дојде до масовен колапс, социјални немири и паѓање на прозападно ориентираните влади.

– Тоа е идеален момент за притисок, ако Москва сака да ги натера Европејците да се почувствуваат непријатно, смета авторот на анализата.

Сепак, тој истакнува дека дестабилизацијата на Балканот е ризичен проект и за самата Москва. На овие општества Русија не може да им понуди ниту функционален економски модел, ниту привлечен политички систем.

– Не може дури и да им даде многу пари, забележува „Фајненшл тајмс“.

Според изданието, руските компании би биле најголемите губитници при секој обид на Москва за дестабилизација на прозападните влади на Балканот. Искуството од украинската криза покажа дека олигарсите се сојузници на кои не може да им се верува.

– Тие немаат пријатели, туку само финансиски интереси и стравувања за своето богатство, анализира „Фајненшл тајмс“.  (Крај)

извор: Фајненшл тајмс фото: архива