Загреб, 17. февруари 2016 (ИНПРЕС) – Од викендот до денеска Хрватска прифати околу 200 мигранти, кои ги врати Словенија и тие се сместени во прифатните центри за странци и ќе бидат вратени во Србија, соопшти хрватското Министерство за внатрешни работи.
Во соопштението се истакнува и дека граничната полиција засилено ја надгледува границата со Србија.
Хрватското МВР исто така наведува дека со оглед на најавите дека Австрија ги заострува критериумите за прифаќање на мигранти, полициската управа примила известување од словенечката полиција со која се запознаени и полициите во Србија и во Македонија.
И Словенија ги заостри критериумите и го ограничи влезот на мигранти на 2.500 лица дневно, како и дека ќе ги прифаќа само бегалците од воените подрачја, но не и тие кои сакаат да им се придружат на семејствата, да студираат или да се вработат во Германија или во Австрија. (Крај)
извор: МИА фото: архива







