Атина/Москва, 19. јуни 2015 (ИНПРЕС) – Премиерот на Грција, Алексис Ципрас, отпатува во Русија на состанок со претседателот Владимир Путин.
Како што пренесува Бета, средбата се случува токму во време на одржувањето на состанокот на министрите за финансии на еврозоната во Луксембург, за да ги разгледаат можните последици од евентуалното излегување на Грција од еврозоната.
Ципрас ќе се сретне со Путин во Санкт Петербург за да разговараат за изградба на „Грчки тек“, продолжение на гасоводниот проект „Турски тек“, како и за потенцијалното учество на Грција во новата БРИКС-банка, со седиште во Шангај.
Грција преговара со доверителите за исплатата на последната транша на повеќегодишната кредитна помош што доцни уште од март. Без тие пари, Владата во Атина тешко ќе најде 1,6 милијарди евра за исплата на ратата на Меѓународниот монетарен фонд, која стасува на 30 јуни. (Крај)
извор: Бета фото: архива







