Атина, 14. јануари 2015 (ИНПРЕС) – Алексис Ципрас, лидерот на левичарската радикална партија СИРИЗА, ја отфрли можноста грција да излезе од еврозоната.
– Треба да сме параноици, за да преземеме таков чекор, истакна тој во интервју, цитирано од електронското издание greekreporter. „Дебатата во Европа се менува“, рече тој и додаде дека нема таен план Б.
Ципрас смета дека планот на СИРИЗА за одложување на долговите ќе биде прифатен од страна на Европа, и посочи дека германската канцеларка Ангела Меркел ќе ја искористи одлуката на СИРИЗА како свој успех. „СИРИЗА ќе бара реконструкција на долгот, за потоа да го платиме“, додаде уште политичарот.
За претстојните предвремени парламентарни избори закажани за 25-ти јануари, тој истакна дека партијата смета дека ќе го освои мнозинство уште во првиот круг:
– Дури и не размислуваме за опција да се оди во втор круг, истакна Ципрас. Тој исто така, напомена дека луѓето ќе гласаат за СИРИЗА не затоа што се промениле политичките ставови, туку затоа што го преферираат достоинството.
За коалициските партнери во случај на победа на изборите, Ципрас истакна дека партијата ќе се раководи од сопствената програма, но навести дека ја преферира грчката Комунистичката партија. Тој додава дека е можна и соработка со партијата „Демократска левица“, дури и ако со неа не дојде до договор за коалиција. (Крај)
извор: АФП фото: АП