Приштина, 23. мај 2015 (ИНПРЕС) – Телата на девет државјани на Косово кои загинаа во судирите со полицијата во Куманово се префрлени на Косово, каде членовите на нивните семејства бараат повторна обдукција.
Бараат да се утврди времето на смртта, поточно дали се убиени за време на судирите или по нивното предавање.
Покрај членовите на семејствата, на идентификацијата на телата присуствувал и амбасадорот на Косово во Република Македонија Илбер Хиса и директорот на Одделението за судска медицина на Косово Арсим Грџалиу.
Хиса изјавил дека постапката за идентификација на телата во Скопје траела повее од 12 часа, пред се` поради комплицираните технички барања.
– Тоа е поради тамошните закони кои не се едноставни, затоа што не се работи за природна смрт, туку за смрт „под други околности“, изјави Хиса.
Барање за повторна обдукција упати и Бехџет Шаља од Одборот за заштита на човековите права во Приштина.
– Ако е потребно, државата треба да повика и странски експерти за да се направи суперанализа и да се утврди причината за нивната смрт. Кога тоа ќе заврши, може да се погребаат, во спротивно многу работи ќе останат мистериозни и наразјаснети, предупредува Шаља.
Тој додава дека Одборот инсистира да се утврди точно дали лицата се убиени за време на судирите или откако се предале.
– Постојат многу сомневања, затоа што сведоците кои учествувале во судирите тврдат дека некои од нив биле ранети, а подоцна се најдоа на листата на убиените. Медицината е напредната и сега може да се констатира времето и причината за смртта, вели Шаља. (Крај)
извор: Б92 фото: архива