June 28, 2024

Охрид, 28. јуни 2024 (ИНПРЕС) – И покрај високите температури периодов, Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Охрид за среќа не бележи голем број пожари.

Командирот Борко Јанкулоски за Супер радио и InPress вели дека споредбено со месец јуни минатата година нема зголемување на бројката.

– Во јуни 2023 година сме имале вкупно 9 пожари, а годинава во текот на овој месец интервениравме на 8 пожари. Покрај тоа реализиравме и 21 техничка интервенција, вели Јанкулоски.

Во секој случај за да не дојде до несакани последици, тој уште еднаш апелира до граѓаните да се однесуваат совесно и одговорно и да ги почитуваат препораките на надлежните институции. Потсетува да не се пали оган на отворен простор, што е строго забрането и казниво по закон.

Периодов има зачестена појава на змии, неодамна холандски државјанин во Охрид беше каснат од змија. Од ТППЕ Охрид во однос на ова велат дека може да интервенират во одредени ситуации за отстранување на змии затекнати во објекти, доколку има можност за тоа. (Крај)

извор: ИнПрес фото: ИнПрес