Охрид, 16. декември 2025 (ИНПРЕС) – Водостојот на Охридското Езеро повторно бележи благ раст и е над просекот за овој период од годината.
Според последните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), езерото е на кота од 693,42 м.н.в., односно на 10 сантиметри над просекот за месец декември (693,32 м.н.в) и 32 сантиметри над минимално дозволената (693.10 м.н.в).
Од почетокто на месецов нивото е покачено за два сантиметри, а за значителното подоврување на хидролошката состојба од претходно придонесоа врнежите од дожд, некогаш и пообилни, што неодамна ги имаше во регионот на Охрид.
Колку за споредба, лани во овој период нивото на езерото било на кота од 693,22 м.н.в, односно десет сантиметри под декемврискиот просек.
Во Охрид денес сончево време со мала до умерена облачност. Во утринските часови наместа ќе има појава на магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Максималната температура ќе се искачи до 10. степени.
– До крајот на неделата времето ќе биде сончево и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови на одредени места ќе има појава на магла. Максималната температура ќе биде над просекот за овој период од годината, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР). (Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес
