Охрид, 20. ноември 2025 (ИНПРЕС) – За една недела, во периодот од 10-ти до 16-ти ноември во Република Македонија се пријавени 117 случаи на групни пријави за заболени од грип – заболувања слични на грип, за еден повеќе во споредба со минатата недела се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Од нив 89 лица се на возраст од 15-64 години, 24 лица на возраст над 65 години, 3 деца на возраст од 5-14 години и еден случај на возраст од 0-4 години.
– Заболените лица оваа недела се регистрирани во Гостивар -35, Куманово – 30, Тетово – 14, а во Штип, Скопје, Кавадарци, Струмица, Радовиш, Охрид, Неготино, Битола и Прилеп се регистрирани помалку од 10 случаи.Пријавената инциденца е под неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип, односно сѐ уште не е достигнат прагот на влез во сезоната на грип, стои во извештајот.
Во сезоната 2025/2026 вкупниот број на случаи на грип/заболувања слични на грип изнесува 571. Во споредба со истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 37,2%.
Од 16-ти октомври започна да се спроведува бесплатната вакцинација против сезонски грип за ризичните групи граѓани, а интересот е голем. Досега на ниво на Република Македонија со бесплатна вакцина се имунизирани вкупно 73.145 лица од ризичните категории. Покрај тоа набавени се и 2.400 дози комерцијални вакцини за останатото население и досега се имунизирани 1.424лица.
Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна мерка за превенција на грип, која спречува појава на потешки форми, компликации и смртен исход особено кај ризичните групи. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива






