Охридските пожарникари свечено го одбележаа 20-ти мај, Денот на пожарникарите (Фото)
May 20, 2025

Охрид, 20. мај 2025 (ИНПРЕС) – Со дефиле низ охридските улици и презентација на противпожарната опрема, охридската територијална противпожарна единица по традиција, денес го одбележа 20-ти мај, Денот на пожарникарите и пожарникарството.

ТППЕ Охрид е една од најекспедитивните единици во нашата држава. Храбрите пожарникари деноноќно ги штитат граѓаните, домовите и материјалните добра во двете општини, Охрид и Дебрца. Единицата моментално брои 39 пожарникари, а има доста пожарникари кои за брзо време исполнуваат услов за пензија. Сепак, иако бројчано не ги задоволуваат капацитетите на ТППЕ, охридските пожарникари секогаш се на висина на задачата, истакна командирот на Територијална противпожарна единица Охрид (ТППЕ) Борко Јанкулоски, потенцирајќи дека се залагаат измените во Законот за пожарникарство што побрзо да се имплементираат за прием на млади пожарникари.

– Просечната старост на вработените во единицата е 40 години. Годиниве наназад се бориме некои измени во законот за пожарникарство што побрзо да се имплементираат со цел да се вработат нови, млади пожарникари како еден најголем пропуст во законот и ние како ТППЕ Охрид предлагаме да има старосна граница за прием на нови пожарникари, да биде максимум 26 години, тоа да биде првото скалило, подоцна и другите обуки, увежбувања и слично. Вкупно сме 39 пожарникари, солидно се снаоѓаме, благодарение на високата одговорност на охридските пожарникари, рече Јанкулоски.

Додаде дека од голема помош е волонтерското здружение „Ентузијаст“ кое има 25 волонтери обучени за гаснење пожари, првично на отворен простор. Во изминатиов период на ангажман на дел од пожарникарите од ТППЕ и дел од волонтерите од „Ентузијаст“ повеќемесечната соработка со тиролската област во Австрија вроди со плод, донирано е возило и склучена е повеќегодишна соработка со која ќе се подобруваат капацитетите на ТППЕ Охрид и на волонтерското здружение.

Честитајќи им го денот на пожарникарите секретарот на Општина Охрид, Александар Китески истакна дека се работи за категорија луѓе кои даваат сѐ од себе да ги заштитат граѓаните и материјалните добра.

Изминатите речиси четири години гледаме да посветуваме повеќе внимание во насока на подобрување на условите за работа на пожарникарите. Китески изрази надеж дека во иднина општината ќе може да вложи и повеќе средства за потребите на единицата.

– Во изминатиот период преземени се мерки и активности за подобрување на условите во објектот каде се сместени пожарникарите. Имавме постапки за набавка на одела за шумски пожари, што со години не беа набавени за ТППЕ Охрид, можам да кажам години наназад и незаштитени излегувале на терен и интервенирале на таков вид пожари. Во овој период во тек е и набавка на интервентни одела за во урбани средини, што е од значење за работата на пожарникарите, рече Китески.

Што се однесува до претстојната летна туристичка сезона, командирот Јанкулоски истакна дека единицата апсолутно е поготвена, а во соработка со волонтерските здруженија ќе бидат уште поефикасни.

Противпожарната заштита на Балканот е започната во Битола, на 20-ти мај 1836 година во време на Румелискиот пашалак, кога е формирана првата организирана противпожарна единица, после голем пожар што го зафатил градот. Па, оттогаш 20-ти мај се одбележува како Ден на пожарникарите.

Во Охрид првите контури на противпожарно делување датираат уште од 1886 година, кога се создадени маалски организации во реонот Варош, во црквите „Св. Никола Геракомија“, подоцна „Св. Климент“ и „Св. Богородица Каменско“. (Крај)

извор: ИнПрес фото: ИнПрес