Шест медали за охридските стрелци на третиот Куп на МССФ
October 24, 2025

Охрид, 24. октомври 2025 (ИНПРЕС) – Минатиот викенд во новиот Национален центар за спортско стрелаштво во Скопје, се одржа третиот по ред Куп на МССФ на кој учество зедоа сите активни спортски клубови од државата со свои претставници.

Најуспешен настап во дисциплината воздушен пиштол-јуниорки имаше Стефанија Вељаноска од СК „Охрид” со извонреден резултат, воедно и личен рекорд од 552 круга, оставајки ја зад себе второпласираната со цели 8 кругови. Во истата категорија Милица Кочовска од ЖСК „Лихнидос” се пласира на четвртата позиција, додека од 6-та до 8-та позиција се пласираа Стефани и Наталија Савески, како и најмладиот член на ЖСК „Лихнидос”- Ана Мостро.

Кај јуниорите повторно златен медал и личен рекорд од 547 кругови за Иван Милевски од СК „Охрид”. Вицешампионсата титула му припадна на Климент Мостро од ЖСК „Лихнидос”со 541 круг, додека на наше големо изненадување со свој личен рекорд на третата позиција се пласира Никола Тодороски од СК „Охрид” со резултат од 524 кругови. Кај сениорите на пиштол Даниел Михајловиќ од ЖСК „Лихнидос” ја зазеде третата позиција со резултат од 530 кругови. Неговиот клупски другар Велибор Балоски се пласира на 6-та, односно 5-та позиција бидејки еден од натпреварувачите настапува вон конкуренција, со резултат од 517 кругови. И кај сениорките на пиштол немаше место на пиедесталот, па така Валентина Гоџоска од Лихнидос со заостанување од само два круга заврши на четвртата позиција.

Истата „среќа” во дисциплината воздушна пушка ја имаше и Балоски Кристијан од СК „Охрид” кој потфрли во последните три дијаболи и не успеа да избори пласман во првите тројца пласирани, па заврши како четвртопласиран со резултат од 600, 2 кругови. Кај сениоркте на пушка сребрен медал за Ива Маленко од СК „Охрид” со резултат од 599,1 кругови, додека кај јуниорките во истата дисциплина 6-та позиција за Теодора Спироска, 8-ма позиција со свој личен  рекорд за младата Тамара Кичеец од ЖСК „Лихнидос”.

По настапот во Скопје, на покана на стрелачкиот клуб Ниш 1881, нашите стрелци Ива Маленко, Даниел Михајловиќ и Велибор Балоски зедоа учество на првиот меморијален Турнир во чест на Зоран Зоки Стоилковиќ, истакнат спортист, тренер и селектор на репрезентација, каде приближно ги потврдија своите резултати од претходниот настап.

Следен предизвик за стрелците од охридските клубови е учеството на традиционалниот меѓународен турнир „Пирин 2025“ што ќе се одржи во Благоевград. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива