Белград, 17. септември 2014 (ИНПРЕС) – Властите во Белград и Приштина постигнаа договор за слободно движење на косовските граѓани на белградскиот аеродром „Никола Тесла“ и на уште пет гранични премини меѓу Србија и трети земји.
Ова го соопшти портпаролот на еврокомесарот за надворешна политика Маја Коцијанчиќ по средбата меѓу работните групи на Косово и Србија.
– Високиот претставник на ЕУ за прашањата на надворешната политика и безбедност Кетрин Ештон ја поздрави одлуката на Белград да додаде на договорот нови гранични премини – аеродромот „Никола Тесла” и уште пет гранични премини со Хрватска и Унгарија, се вели во соопштението.
Овој договор значи дека граѓаните на Косово ќе можат да патуваат низ територијата на Србија на пат за трета земја. Договорот треба да стапи во сила најдоцна за два месеци.
Договорот на двете работни групи беше постигнат во Брисел, каде се водат сите преговори меѓу Србија и Косово со посредство на ЕУ. (Крај)
извор: АФП фото: архива
