Скопје, 27. јануари 2023 (ИНПРЕС) – Доставени се три барања за финансиска поддршка за воведување на нови авиолинии од двата аеродроми, Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид.
„Визер“, „Луфтханза“ и „Ејџиан ерлајнс“ ја доставија документацијата на повикот што траеше од 20-ти декември 2022 година до 26-ти јануари 2023 година.
– Јавниот повик за субвенционирање на нови авиолинии беше распишан во согласност со политиките на фер и конкурентски услови согласно регулативата на Европска унија, соопштија од Министерството за транспорт и врски.
Финансиската поддршка има за цел поттикнување и развој на воздушниот сообраќај во Македонија, заради квалитетен развој на цивилното воздухопловство, формирање на поконкурентни и подостапни цени на билетите што директно подразбира нови дестинации за граѓаните.

Се предвидува да се доделува субвенција од седум евра во денарска противвредност по патник во заминување превезен од Меѓународниот аеродром „Скопје“ и од 4,5 евра во денарска противвредност по патник во заминување превезен од аеродромот „Св. Апостол Павле“ од Охрид.
За годинава се предвидени 1,1 милион евра за финаниска поддршка за нови авиолинии. Финансиската поддршка, според повикот, ќе се доделува согласно критериумите за рангирање на новите дестинации по следниот редослед: период на oперирање на дестинацијата, број на неделни летови, атрактивност на аеродромот кон кој оперира, број на седишта понудени на продажба.
Комисијата составена од членови од неколку државни институции во следниот период ќе изврши евалуација на доставените понуди. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива
