Охрид, 9. јуни 2026 (ИНПРЕС) – Во петок, 12. јуни, ќе биде отворена првата самостојната изложба на уметнички дела на младата охриѓанка Стефанија Алачкоска.
Изложбата е насловена „Огледало на Охрид“, а ќе биде поставена во „Летница“, кујна и бар, со почеток во 19:00 часот.
Планирано е да бидат изложени околу 20 дела, а посетителите ќе можат да видат дела со мотиви од Охрид – пејзажи, икони, како и неколку цртежи од различни тематики.

Младата и надежна охриѓанка Стефанија црта од најрана возраст, a сега е матурантка од СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ во Охрид. Во неодамнешното интервју за InPress и Супер радио откри дека во своите дела црта на различни теми, а најголемиот дел се пејзажи. Вели дека инспирацијата црпи од секојдневниот живот и убавините што нè опкружуваат, најмногу ужива да работи со акрилна техника, а се восхитува на делата на Леонардо Да Винчи.

Потенцира дека преку цртежите успева да забележи многу повеќе детали што обично остануваат незабележани. Образованието планира да го продолжи во Словенија, а на младите им порачува да го слушаат своето срце и да веруваат дека сè е можно.
Делата на Стефанија може да ги погледнете на нејзиниот профил на Instagram. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива
