Warning: Attempt to read property "post_excerpt" on null in /home2/totomk/public_html/new.inpress.mk/wp-content/themes/darknews/single.php on line 43
Охрид, 12. јануари 2024 (ИНПРЕС) – Во духот на православието и востановената традиција Охрид и годинава ќе биде центар за чествување на големиот христијански празник Богојавление – Водици.
Во тек се подготовките за празникот, а се очекува традиционалното фрлање на Светиот крст во водите на Охридското Езеро да го проследат илјадници верници.
МПЦ-ОА односно Дебарско-кичевската епархија и оваа година во соработка со Општина Охрид и сите помагатели во организациониот одбор ќе го организира еден од најмасовно посетените празници Богојавление во Охрид.
Прославата на празникот на 19-ти јануари ќе започне со утринска богослужба од 07:00 часот додека божествената литургија ќе почне во 08:30 часот. Чинот на положување на Чесниот крст во водите на езерото ќе биде во 10:00 часот на градското пристаниште, а во тек е пријавувањето на капачите, информира Илија Ристески претставник од Дебарско-кичевската епархија.
– Централната прослава на празникот ќе биде во црквата Успение на Пресвета Богородица – Каменско каде ќе чиноначалствува митрополитот Дебарско – кичевски г.Тимотеј, исто така ќе има служба во црквата Св.Никола Геракомија од каде потекнува оваа традиција, како и во останатите парохиски цркви. На денот на празникот во 12:00 часот во месноста Сараиште ќе има групно крштевање, заинтересираните може да се пријават кај парохискиот свештеник во црквата Св.Никола Геракомија. Во тек е пријавувањето за оние кои ќе сакаат да учествуваат во самиот чин на осветување на водата и положувањето на Чесниот крст, има пријави и од други градови, од Струмица, Битола и други, кој сака може да се пријави во црквите, рече Ристески.
По чинот на Богојавленскиот водосвет, на градскиот плоштад ќе се одржи забавна програма за посетителите, а ќе настапи групата Next time.
Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков истакна дека Водици сам по себе бил привлечен особено за туристи и се надева дека и годинава ќе биде така, со пријатно време во кое граѓаните ќе може да уживаат.
– Водици сам по себе бил привлечен особено за туристи. Многу значи што е во продолжен викенд, покрај домашни ќе привлече и странски туристи. Покрај на 19-ти јануари, настани ќе има и следниот ден, за Денот на рибарите, рече Пецаков.
На денешниот координативен состанок на организациониот одбор,присуствуваа претставници на општината, јавните претпријатија, Дебарско-кичевската епархија, на СВР Охрид, Капетанија, Брзата помош, Црвениот крст и нуркачките клубови. (Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес
