Белград/Охрид, 18. мај 2026 (ИНПРЕС) – Гудачкиот квартет „Атака“ вечерва од 19:00 часот во македонскиот културно – информативен центар во Белград ќе оджри концерт, а меѓу делата што ќе ги изведат ќе има и на охридскиот композитор Гоце Гавриловски.
– Овој музички проект, поддржан од Министерството за култура и туризам, пред белградската публика ќе го претстават Васко Шутаров од име на КИЦ Белград и Дејан Мојсовски од име на СОКОМ. На програмата ќе бидат изведени дела од македонските автори Стефан Гајдов, Драган Шуплевски, Ана Пандевска и Гоце Гавриловски, информираат организаторите.
Гудачкиот квартет „Атака“ е формиран во 2022 година и за краток период се наметна како еден од најактивните млади камерни ансамбли на домашната сцена. Составот го сочинуваат Ева Богоевска и Марија Трајковска (виолина), Илза Бафтиари (виола) и Маја Михајловска (виолончело).
Од своето основање, квартетот „Атака“ развива јасна програмска ориентација кон современото македонско творештво. Нивниот музички израз е оценет како технички прецизен, стилски автентичен и внимателно избалансиран. Критиката посочува дека ансамблот создава јасен звучен идентитет и убедливи интерпретации, со што овој млад состав веќе зазема значајно место во актуелниот концертен живот. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива
