Охрид, 18. февруари 2026 (ИНПРЕС) – Значително подобрен водостојот на Охридското Езеро, од почетокот на месецов е покачен за 7 сантиметри, а само последнава недела за 4 сантиметри.
Ваквиот тренд на раст на водостојот трае подолг период.
Според денешните мерења, нивото е на кота од 693,59 м.н.в што е за 20 сантиметри над просечното ниво за овој месец (693,39 м.н.в) и 49 сантиметри над минимално дозволената кота (693,10 м.н.в). Температурата на езерската вода е 6 степени. И додека лани во овој период состојбата беше алармантна, езерскиот водостој годинава е во подобра кондиција.
Во Охрид денес променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе се искачи до 6 степени.
– Во четврток утрото ќе биде ведро и студено, насекаде со негативни минимални температури. Во текот на ноќта кон петок и во петок ќе има нови врнежи, во пониските места од дожд, на повисоките од дожд и снег, а на планините од снег. Потоа во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и постудено со умерен до засилен северен ветер. Од понеделник дневната температура ќе биде во пораст, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР). (Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес
