Анкара, 16. септември 2014 (ИНПРЕС) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги обвини меѓународните рејтинг агенции „Мудис“ и „Фитч“ за политички мотивирани проценки за економијата на земјата.
– Ердоган предупреди дека Турција може да ги раскине договорите со овие агенции, пренесоа агенциите, повикувајќи се на турските медиуми.
Минатиот четврток, „Фитч“ објави дека во пресрет на следните избори може да дојде до политички притисок врз Централната банка на Турција, која ќе ја намали каматната стапка, и покрај инфлацијата. „Мудис“ пак минатиот месец излезе со став дека претседателската победа на Ердоган нема да го реши проблемот со економските ризици и нема да ги намали политичките тензии во земјата.
Ердоган порача дека ваквите констатации се „политички мотивирани и не се темелат на реални економски податоци“.
– Ние ја прекинавме соработката со агенцијата „Стандард енд Пурс“ и јас ќе го замолам премиерот да ја прекине соработката со тие две агенции („Фитч“ и „Мудис“), ако тие продолжат да одат по тој пат. Но до овој момент, не сме стигнале до таа фаза, посочи Ердоган. (Крај)
извор: ИТАР-ТАСС фото: АП
