Атина, 16. мај 2016 (ИНПРЕС) – Решението на спорот за името се уште не е на хоризонтот според грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас.
Во интервју за весникот „Катимерини“ Коѕиас коментира дека во Македонија уште не се созреани условите за да може да се прифати компромисно решение за името.
– Што се однесува до спорот за името, сметам дека треба да созреат условите кај соседната држава за да прифатат еден суштински компромис, вели Коѕиас за „Катимерини“.
Коѕиас на почетокот на април имаше средба со медијаторот Метју Нимиц за името и според неофицијали информации заклучоците биле дека нема очекувања во брзо време да има драстичен напредок во преговорите. Медијаторот самиот неодамна посочи дека ќе ги реактивира преговорите, но откако ќе завршат изборите во Македонија.
Независно од спорот за името, Коѕиас забележува дека двете држави работат во пракса на спроведување на мерките за градење доверба. Како што потенцира мерките имаат за цел да се засилат општествените и економските врски меѓу двете држави и народите. Грчкиот министер во интервјуто изразува и задоволство од априлскиот Самит за бегалската криза во Солун на кој учествуваа Грција, Македонија, Албанија и Бугарија. (Крај)
извор: Телма фото: архива
