Skip to content
Inpress

Inpress

Брзо, Точно, Проверено

  • Дома
  • ВЕСТИ
    • Култура
    • Репортажа
  • СВЕТ
    • Балкан
    • Македонија
    • Охрид
    • Струга
  • ХРОНИКА
  • ЕКОНОМИЈА
  • ЛОКАЛНА САМОУПРАВА
  • СПОРТ
  • ЗАБАВА
  • ЗДРАВЈЕ
  • Home
  • Вести
  • Маркоски: Бројките се важни, но мора да се работи искрено и да се презентира убава музика

Маркоски: Бројките се важни, но мора да се работи искрено и да се презентира убава музика

1 min read
Маркоски: Бројките се важни, но мора да се работи искрено и да се презентира убава музика

Охрид, 9. април 2026 (ИНПРЕС) – Со бројни обработки на популарни хитови и евергрини, настапи надвор од границите на Република Македонија и богата листа на признанија, охриѓанецот Петар Маркоски денес важи за еден од највпечатливите македонски уметници во дигиталниот простор.

Неговата виртуозност на виолина, во комбинација со шармот, му донесе над 2,3 милиони следбеници на Instagram и илјадници обожаватели на YouTube, кои со нетрпение ги очекуваат неговите нови музички интерпретации.

Дел од публиката го памети уште од деновите на „М2 Потрага по ѕвезди“, додека за други тој е препознатлив токму по магичните видеа што ги споделува на социјалните мрежи.

Неговиот најнов проект „Golden Oldies – 50s & 60s Songs“ е инспириран од безвременската елеганција и овие незаборавни песни…

Во интервју за InPress открива со што е окупиран периодов, омилена дестинација за снимање на видеата, фаворит песна, како и за идните планови.

InPress: Каде е и што прави Петар периодов?

Маркоски: Моментално работам на нов албум, кој би требало да го промовирам втора половина на месец мај. Сакам да бидам активен, полн со обврски, убаво функционирам кога сум под притисок, но секако има моменти кога ми треба и малку одмор. На почетокот од месец декември 2025 година го објавив албумот насловен „Golden Oldies 50s & 60s” на кој работев 3 месеци со музичари од Европа и Америка, добивме прекрасен албум со познати класици на Синатра, Дин Мартин, Боби Дарин, албум на кој сум многу горд. За разлика од предходните мои албуми и синглови, на овој албум се решив да се претставам вокално со мал дел на виолина, бидејќи сакав на луѓето кои ме следат и кои ме знаат по виолината да им ја презентирам мојата друга музичка страна. Видеото за тој албум го изработи мојот долгогодишен другар Даниел Јовески, кој е пример за уметник, човек со голема душа и докажан како музичар и режисер/ видеограф. Овој проект беше долго време во мојата глава како идеа, но требаше време за да се реализира и резултат беше многу поголем од тоа што очекував, слушаноста на мојот „Spotify” профил порасна за цели 100 проценти.

Направив месец дена пауза и веднаш започнав со работа за албумот кој следи. Ова ќе биде прекрасен албум со хитови и едвај чекам да го презентирам.

InPress: На твојот Инстаграм профил имаш над 2,3 милиони следбеници кои постојано ги „храниш“ со нови видеа. Колку си задоволен од досега постигнатото?

Маркоски:Мојата цел и задоволство доаѓа од презентирање на убава музика. Најсреќен сум кога читам коментари како луѓето ја доживуваат мојата музика, ме прави многу среќен, ми дава желба за работа, ме мотивира, ме тера да не ја земам музиката здраво за готово туку да ги пренесам емоциите искрено преку музиката. Бројките се важни, тие нудат можност за концерти ширум светот, но сепак мора да се работи искрено и да се презентира убава музика, музика која ќе остане, генерации да ја слушаат и после 100 години, како и ние денес што уживаме во прекрасни хитови од минатото.

InPress: Зад тебе се бројни настапи, награди, меѓудругото имаш свирено и во Ватикан, Шангај…Можеш да издвоиш некој посебно?

Маркоски:Секое е посебно на свој начин и има место во моето срце. Многу бев среќен и изненаден кога добив порака дека сум избран за најдобар интернационален музичар каде ми доделија Златна статуетка „Recognition Award for an International Musician” на манифестацијата „Murex D’or“ во Либан.

Murex D’or е годишна церемонија на доделување на музички награди која започнала во 2000 година, со историја на 22 изданија меѓу либански, арапски и меѓународни познати личности. Murex D’Or е либанска награда создадена од либанските лекари, д-р Захи Хелу и д-р Фади Хелу. Трофејот Златен Мурекс се доделува да им оддаде почит на многу личности за да ги препознае нивните достигнувања и да ги признае најдобрите изведби досега.

Потоа секако би го споменал настапот во Ватикан пред папата Франциск. Настанот „World Day of the Poor“ се оддржа на 19 ноември во „Paul VI Audience Hall” – Ватикан, каде беше организиран ручек и музички дел од повеќе артисти. Ја имав честа да бидам најавен како единствениот македонски музичар кој настапил пред Папата Франциск, најава која беше дадена на самиот настан и секако на сите италијански телевизии меѓу кои и најпознатата Rai 1. Ова е единствениот музички настан во Ватикан каде Папата присуствуваше и поради тоа задоволството беше огромно. Настапив со две композиции Halellujah и Ave Maria, во потполна тишина и без никаква музичка поддршка, само звукот на мојата виолина. Во Ватикан бевме пречекани прекрасно, огромно искуство за мене.

Секако не можам да ги заборавам концертите во Будимпешта и Шангај. Во Шангај имав целосно распродаден концерт во еден од најпознатите клубови JZ Club каде настапуваат големи артисти. Покрај концертот бев поканат во главните канцеларии на апликацијата „Red Note” односно тоа е ТикТок апликација која е специјализирана и достапна само во Кина, каде имав интервју со прашања од гледачите и настапив со неколку песни. Кина ми остави огромен впечаток, тивки, многу културни луѓе, огромна почит спрема мене како артист и тоа што најмногу ме изненади и покрај тоа што по првпат бев со концерт во Кина, после концертот ме чекаше огромна редица од луѓе за фотографија, автограм и краток разговор.

InPress: Како ги избираш песните што ќе ги отсвириш на виолина, имаш ли помош и колку преработки имаш досега?

Маркоски:Искрено немам шема како бирам песни, доколку ме допре песната знам дека е за мене, се базирам на емоција. На мојот инстаграм профил има преку 400 видеа каде свирам (тоа се кратки видеа наменети за социјалните мрежи) но како официјални песни кои се поставени на мојот „Spotify” профил се од прилика 50 песни.

InPress: Која ти е омилена песна, но и дестинација за снимање на видеата?

Маркоски: Не би можел да издвојам омилена песна, секоја има свое значење и допира различно во срцето. Ние носиме многу емоции во нашите срца, така и музиката, некоја носи тага, некоја среќа, носталгија, некоја те носи на уживање на некоја песочна плажа, некоја па е измислена за долги патувања со кола, а некоја за кафана.

А кога зборуваме за дестинација, Охрид! Од Охрид започна мојата кариера, имаме прекрасен град со убавина од Бог дадена. Мислам дека нема место од Охрид каде не сум снимил видео, а по коментарите на моите видеа од Охрид може да видите колку луѓето се восхитуваат на оваа убавина. Како втора дестинација дефинитивно Италија! Италија ми е секогаш на список дестинации за снимање видео записи. Од дестинациите во Италија би ги издвоил дуетите со италјанката Бенедета Карета со која снимивме видео сред зима на скијачките центри на Доломити, потоа Венеција и последно секако дуетот со саксофонистот Енцо Буoнаурио на прекрасните плажи блиску Амалфи и Позитано.

InPress: Што да очекуваме од Петар во следниот период?

Маркоски: Нов албум со многу хитови, втора половина на мај! Секако многу многу музика, дуети и прекрасни видеа. (Крај)

извор: ИнПрес фото: Петар Маркоски

Post navigation

Previous Здравје: Седечкиот начин на живот го забрзува стареењето на мозокот

Слични вести

Здравје: Седечкиот начин на живот го забрзува стареењето на мозокот Здравје: Седечкиот начин на живот го забрзува стареењето на мозокот
1 min read

Здравје: Седечкиот начин на живот го забрзува стареењето на мозокот

Преприклучување на постоечки објекти на новопоставената  водоводна линија на улицата „Прилепска” Преприклучување на постоечки објекти на новопоставената  водоводна линија на улицата „Прилепска”

Преприклучување на постоечки објекти на новопоставената  водоводна линија на улицата „Прилепска”

Од утре започнува електронската евиденција и контрола на граничните премини на државјаните од државите кои не се членки на ЕУ Од утре започнува електронската евиденција и контрола на граничните премини на државјаните од државите кои не се членки на ЕУ
1 min read

Од утре започнува електронската евиденција и контрола на граничните премини на државјаните од државите кои не се членки на ЕУ

Copyright © All rights reserved. | DarkNews by AF themes.