Струга, 18. февруари 2026 (ИНПРЕС) – И понатаму е на сила забранат за користење на водата во Струга и околината.
Од ЈП „Водовод и канализација“ Струга велат дека истата ќе важи до добивање известување од Центарот за јавно здравје Охрид.
Десетина дена водата од чешмите е загадена и забранета за употреба, матноста достигна и до 30 пати над дозволеното, сега е намалена, но забраната и понатаму важи. За ваквата состојба општината побара помош и од стручен експерт од приватна компанија. Дополнително, стручен тим од тројца професори од Градежниот факултет од Скопје ќе извршат детална проверка на клучните елементи на системот, меѓу кои: изворот Шум, изворите во Горна Белица, влезните комори, резервоарите за водоснабдување, МХЕ локациите и хлорната станица. Деновиве струшкото Обвинителство оформи предмет и ги истражува причините за загадувањето и дали тоа потекнува од кривични дела против животната средина. (Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес
