Охрид, 16. февруари 2026 (ИНПРЕС) – Продолжува трендот на раст на водостојот на Охридското Езеро.
Според последните мерења, нивото е на кота од 693,55 м.н.в што е за 16 сантиметри над просечното ниво за овој месец (693,39 м.н.в) и 45 сантиметри над минимално дозволената кота (693,10 м.н.в). Температурата на езерската вода е во рамки на просекот.
Според ова, хидролошката состојба на Охридското Езеро е на задоволително ниво, а од почетокот на месецов езерскиот водостој пораснал за два сантиметри.
Годинава, за разлика од лани кога беше далеку под просекот, езерскиот водостој е во подобра кондиција.
Во Охрид денес променливо облачно време со повремени сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од западен правец. Максималната температура ќе се искачи до 10 степени.
– Кон крајот на денот, во текот на ноќта и во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег. На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а во петок повторно ќе има врнежи од дожд и снег, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР). (Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес
