xr:d:DAFekzFCzYc:83,j:1000192308960824699,t:23061211
Охрид, 8. април 2026 (ИНПРЕС) – Од 23 до 25 април во хотелскиот комплекс „Метропол“ ќе се одржи 91 Средба на правниците. Ќе биде опфатен широк спектар на актуелни теми од различни правни области.
Првиот ден ќе биде посветен на прашања од јавен интерес, меѓу кои темата за „Сејф сити“ како механизам за превенција на сообраќајната деликвенција или како инструмент за создавање дисциплинирано општество. Ќе се дискутира и за примената на Законот за управните спорови, со акцент на развојот, предизвиците и одлучувањето во спорови со полна јурисдикција. Дополнително, ќе биде отворена дебата за интерпретативните одлуки како новина во македонското уставно судство.
На 24 април фокусот ќе се префрли на економските и социјалните аспекти на правото. Учесниците ќе разговараат за правните аспекти на заложното право и извршувањето, почнувајќи од обезбедување до наплата. Исто така, ќе се анализира соработката помеѓу судовите и центрите за социјална работа во постапките за доверување деца, како и антикорупциската рамка за јавните претпријатија, со акцент на транспарентноста и одговорноста.
Последниот ден ќе биде посветен на работното право, односно на престанокот на работниот однос и дисциплинските постапки, преку разгледување на законската рамка, судската пракса и практичните дилеми со кои се соочуваат правниците. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива
