Warning: Attempt to read property "post_excerpt" on null in /home2/totomk/public_html/new.inpress.mk/wp-content/themes/darknews/single.php on line 43
Охрид, 15. февруари 2024 (ИНПРЕС) – Во текот на пролетните месеци охридската територијална противпожарна единица планира да изврши маркирање на хидрантската мрежа во стариот дел на градот.
Оваа тема е болна точка за градот, особено за Стар град. Командирот на ТППЕ Охрид Борко Јанкулоски за Супер радио и InPress вели дека секаде каде има можност хидрантите ќе бидат надворешни, бидејќи како подземни не им користат со оглед на тоа што над нив се паркираат и возила.
– Стапивме во контакт и со ЈП „Водовод“ бидејќи тие ги одржуваат тие хидранти, меѓутоа немаме приказ на старата хидрантска мрежа и ќе мора детално со нив да ги прегледуваме, да ги маркираме и секаде каде има можност ќе се направат напори подземните хидранти да се извадат, да бидат надворешни, рече Јанкулоски.
Справувањето со евентуална огнена стихија во стариот дел на градот е рак рана годиниве наназад. Има делови кои се речиси недостапни за поголеми противпожарни возила, а проблем претставуваат и автомобилите кои граѓаните ги оставаат на улица, како и збиениот тип на куќи.
На ова се надоврзува и проблемот со немањето пловен објект за гаснење пожар од вода, што ќе биде значајно како за овој дел, а особено за патниот правец спрема Св. Наум.
– Тоа е веќе голем проблем, особено на патниот правец спрема Св. Наум. Охрид е туристички град, во летниот период, особено во некои интервали во текот на денот, буквално ние немаме пристап во случај на пожар и со самото тоа не сме доволно ефикасни. Доколку би имале специјализиран пловен објект би се користел особено на тој потег, па спрема Канео и би биле поекспедитивни, потенцира Јанкулоски.
Што се однесува до набавка на возила за единицата, преку Бирото за регионален развој и дел кофинансирано од Општина Охрид, ќе биде набавена осум тонска цистерна која моментално е најпотребна. Апликацијата е испратена и се очекува до крај на оваа година возилото да го збогати возниот парк на противпожарната служба. (Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес/архива
