Загреб, 23. септември 2015 (ИНПРЕС) – Делегација од Собранието на Република Македонија во состав Реџаиљ Исмаили, претседател на Комисијата за транспорт, врски и екологија и Лилјана Затуроска, член на Комисијата за транспорт, врски и екологија, ќе учествуваат на Интерпарламентарна конференција на тема „Јавниот сервис и парламентите”, во организација на Европскиот парламент во соработка со Парламентот на Република Хрватска, Европската радиодифузнаунија и Хрватската Радио-телевизија, што ќе се одржи утре и задутре во Загреб, Република Хрватска.
Интерпарламентарната конференција ќе ја отворат Јосип Леко, претседател на Парламентот на Република Хрватска, Ингрид Делтрине, генерален директор на Европската радиодифузна унија, Гвозден Флего пратеник од хрватскиот Парламент и член на Парламентарното собрание на Советот на Европа.
Во рамки на програмата, првиот ден од конференцијата предвидено е да се отвори дискусија за улогата на парламентите и јавните сервиси, нивната соработка, европските стандарди и практики во земјите од Југоисточна Европа и Турција, како и за назначувањето на процедури за медиумите на јавниот сервис. Ќе се дискутира и за именувањето на управни и надзорни одбори, односот меѓу парламентот граѓаните и радиодифузерите, парламентарна покриеност од страна на медиумите и важноста на обезбедување на информации за работата на Собранието. (Крај)
извор: МИА фото: архива
