Охрид, 9. април 2026 (ИНПРЕС) – По повод големиот христијански празник, Воскресение Господово – Велигден, денеска од 11:00 часот, на плоштад „Вангел Наумоски” (Мини маркет) ќе се одржи традиционалниот Велигденски базар, што ќе има хуманитарен карактер.
Ќе бидат поставени изложбени штандови на основните и средните училишта, градинката „Јасна Ристеска”, Младинскиот центар Охрид, ОО Црвен крст – Охрид, занаетчии, ракотворци, како и производители на традиционална храна и пијалоци. Пред посетителите ќе бидат презентирани велигденски изработки, креативни ракотворби, ученички творби и хуманитарни активности.
Предвидена е и богата културно – уметничка програма со настапи на децата згрижени во детската градинка , основните училишта, како и фолклорни ансамбли и културно – уметнички друштва од Охрид.
Дел од собраните средствата од продажбата ќе бидат наменети за хуманитарни цели, како симбол на солидарност, љубов и грижа за заедницата. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива
