Охрид, 22. февруари 2018 (ИНПРЕС) – Со соодветна програма и презентација, Охрид и неговите убавини и понуда ќе бидат презентирани на годинешниот 40-ти по ред Саем за туризам во Белград, Република Србија.
Со над 1.200 излагачи, на повеќе од 30.000 м2 и очекувани близу 100.000 посетители, оваа манифестација прерасна во најголема од овој вид во југоисточна Европа. Полни 40 години ги исполнува светските стандарди во работата, со излагачите гради партнерски односи со квалитетна понуда и нуди разновидни случувања и богата саемска програма, што секоја година резултира со се` поголем број посетители. Минатата година на Саемот за туризам се претставија 1.103 излагачи, а бројот на посетители се искачи на над 70.000. Туристичкиот саем ќе биде отворен денес, а ќе трае до 25-ти февруари.
Потенцијалите на Охрид ќе бидат презентирани на македонскиот штанд на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Во Белград патуваат претставници на секторот за туризам и локален економски развој, на туристичкиот еснаф како и на ХОТАМ. Овој саем се издвојува како особено значаен за Охрид, со оглед на тоа што најголемиот број на туристи во градов се од Србија.
Токму заедничките настапи на Охрид со Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на саемите за туризам беа во фокусот на средбата на градоначалникот Стојаноски и претставници на Агенцијата. Покрај на саемот во Србија, соработката за промоција ќе продолжи и на саемите во Хрватска и Германија. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива
