Охрид, 16. јануари 2023 (ИНПРЕС) – Во рамки на одбележување на големиот верски празник Богојавление-Водици и Денот на рибарите, Црвен крст Охрид и годинава е вклучен со низа активности од областа на здравствено-превентивната дејност.
Во среда, на 18-ти јануари од 19:00 до 23:00 часот на пунктот поставен на платото помеѓу Капетанија и ресторанот „Чун“ медицински тимови на Црвен крст Охрид ќе вршат основни здравствени прегледи на оние кои се одлучиле да „скокаат по крстот“.
– Апелираме и препорачуваме до „скокачите по крстот“ да ја проверат својата здравствена состојба и се информираат за ризиците и опасностите кои постојат при капење во вода со температура од околу 9 степени целзиусови, велат од Црвениот крст.

Традиционалната крводарителска акција „Водици 2023“ под мотото „Една капка може да промени сé“ ќе се реализира в четврток во Центарот за култура „Григор Прличев“ од 09:00 до 15:00 часот.
За настанот на осветувањето на водата во Охридското Езеро, Црвен крст Охрид ќе се грижи за безбедноста на капачите во вода и сите посетители на настанот со тимови на спасители на вода распоредени долж градското пристаниште и во спасителни чамци во вода, нуркачки тимови, како и со медицински тимови за укажување прва помош со амбулантско возило, помогнати со медицински тим на Итната медицинска помош со амбулантско возило. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива
