Општина Охрид: Нема да биде толерирано нелегално работење, одлучени сме да ставиме крај на долгогодишното самоволие и хаотично стопанисување со плажите

Општина Охрид: Нема да биде толерирано нелегално работење, одлучени сме да ставиме крај на долгогодишното самоволие и хаотично стопанисување со плажите

Охрид, 9. јуни 2021 (ИНПРЕС) – Повеќе нема да биде толерирано нелегално работење и остварување на бизнис интереси на поединечни фирми, кои без договори за концесија и надвор од сите законски процедури граделе објекти и узурпирале државно земјиште, со што нанеле значителни штети во строго заштитената зона на езерото, велат од општина Охрид, по продолжување на акцијата за рушење на плажите.

Додаваат дека општина Охрид е цврсто одлучена да воведе ред и да стави крај на долгогодишното самоволие и хаотично стопанисување со плажите на охридското крајбрежје.

– Денеска градежната механизација и работните екипи ангажирани од Општина Охрид започнаа со активности за отстранување на платформите на  плажите „Куба Либре“, „Кадмо“ и „Бела Виста“ кои се опфатени во Генералниот урбанистички план. Исто така, во текот на наредните денови ќе се пристапи и кон отстранување на платформите и објектите на крајбрежјето на потегот кон населбата „Канео“. Угостителските објекти кои работат на овие плажи треба да престанат да извршуваат угостителска дејност надвор од законските процедури и да пристапат кон затворање на локалите. Остануваме посветени на исполнување на препораките на УНЕСКО и одредбите од Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион. Сите нелегални градби кои претставуваат опасност за регионот и се во спротивност на режимите на заштита ќе бидат отстранети и нема да има никаква селективност во постапките, соопштија од општина Охрид и додаваат дека никој не може и не смее да биде над законите и интересите на Охрид. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива