Стигнаа 30.000 „Синовак“ вакцини, донација од Турција

Стигнаа 30.000 „Синовак“ вакцини, донација од Турција

Скопје, 9. јуни 2021 (ИНПРЕС) – Триесет илјади вакцини од кинеската компанија „Синовак“ , донација од Турција, стигнаа денес во земјава, објави на Фејсбук министерот за здравство Венко Филипче.

– Сакам да изразам голема благодарност до Турција и претседателот Реџеп Таип Ердоган за поддршката, но пред сѐ, за експресната испорака на ветената количина која е многу значајна за нас. Вакцините во најкраток рок ќе бидат дистрибуирани до вакциналните пунктови ширум државата, напиша Филипче.

Министерот и премиерот Зоран Заев изминатата беа во работна посета во Истанбул  и имаа средба со Ердоган.

Според последните информации од Министерството за здравство, заклучно со вчера вакцинирани се  250.813 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 1.455 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 10.556 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 410.711 дози вакцини, а ревакцинирани се 159.898 граѓани.

Со последните бројки 48 % од пријавеното население над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 42 % од пријавеното население над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 35 % од пријавеното население над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

Секој понеделник стигаат околу 10.000 дози на „Фајзер“, а изминатиов понеделник пристигнаа дополнителни 12.870 дози вакцини од „Фајзер“ обезбедени преку директните преговори со производителот и преку ЕУ која ги обезбедува како помош преку трилатерални договори во рамките на програмата „Тим Европа“.

Македонија ги очекува нарачаните 500 илјади вакцини „Синовак“. (Крај)

извор: Сакам да кажам фото: архива