Јованоски: Работиме домаќински, ние сме отворена партија, ќе ги слушаме предлозите на охриѓани за подобар живот во Охрид

Јованоски: Работиме домаќински, ние сме отворена партија, ќе ги слушаме предлозите на охриѓани за подобар живот во Охрид

Охрид, 13. август 2021 (ИНПРЕС) – Претседателот на ОО СДСМ во Охрид, Науме Јованоски ја одржа првата официјална прес конференција, откако повторно дојде на чело на охридскиот огранок на партијата.

Тој се осврна на бројните реализирани, но и тековни инфраструктурни проекти. Предводејќи ја локалната и централната власт, СДСМ покажа и докажа дека вистински е посветена на креирање квалитетни политики, дека е подготвена за реализирање на значајни проекти и дека неуморно работи за обезбедување на подобра иднина за општина Охрид, подвлече Јованоски.

– Благодарение на ангажманот на нашиот градоначалник Константин Георгиески, реконструирани се и асфалтирани значајни градски сообраќајници и значително се подобрени условите за безбеден и динамичен сообраќај, што е од особена важност и за жителите но и за туристите кои го посетуваат градот. Локалната власт предвидена од СДСМ комплетно ги реконструира улиците „АСНОМ”, „Егејска”, „Прва Македонска ударна бригада“, „Охридска бригада“, „Марко Цепенков“ и изградена е нова улица на потегот во поранешната касарна. Веќе ја пуштивме во употреба улицата „15-ти Корпус“, а во најскоро време ќе може да се пофалиме со финализирање на сложениот инфраструктурен проект за реконструкција на улицата „Абас Емин“. Исто така, како што ви е познато, во моментот интензивно течат и активностите за реконструкција на водоводната линија и коловозот на улица „Јане Сандански“, која исто така е многу значајна сообраќајница во нашиот град. Градоначалникот Константин Георгиески покажа волја, храброст и подготвеност да се бори и да биде вистински пример, дека кога се сака и кога се умее, може да се постигне голем успех, истана Јованоски.

Потенцира дека инвестирањето во современ развој на Охрид и обезбедување на подобри услови за туристички напредок ќе продолжи во континуитет, а изрази и подготвеност како партија да ги слушнат потребите и предлозите на охриѓани во насока на подобрување на условите за урбано живеење, како и за останатите сегменти кои се важни за општествениот развој на градот, како културен и туристички центар. (Крај)

извор: ИнПрес фото: ИнПрес