Филипче: Средните училишта во Тетово и Гостивар учебната година ќе ја започнат со онлајн настава

Филипче: Средните училишта во Тетово и Гостивар учебната година ќе ја започнат со онлајн настава

Тетово, 27. август 2021 (ИНПРЕС) – Средните училишта во полошкиот регион, односно во Тетово и Гостивар наставата во новата учебна година да ја почнат онлајн, а учениците од основното образование да одат со физичко присуство, соопшти министерот за здравство Венко Филипче, по средбата со градоначалничката Теута Арифи.

Оваа препорака на Комисијата за заразни болести, треба да важи две недели, а потоа ќе се следи ситуацијата.

– Со консензус се донесе препораката за средните училишта во полошкиот регион, Тетово и Гостивар учебната година од 1-ви септември да ја започнат онлајн и тоа да биде во првите две недели, а понатаму согласно тоа како ќе се одвива ситуацијата со бројот на новодијагностицирани лица. Ваквата одлука во Комисијата ја донесовме поради ситуацијата со болниците и не сакаме да се случи дополнителен притисок. Добро е што постепено се намалуваат, и добро е што се отвораат дополнителни пунктови за вакцинација. До неодамна процентот на вакцинираност во Тетово беше 23 отсто, а сега е 35%, рече Филипче.

Во местата каде е голем опфатот на вакцинација, меѓу кои и Охрид состојбата е стабилна и учениците ќе се вратат во клупите. Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска рече дека училиштата се целосно подготвени за прием на учениците со физичко присуство и за непречена реализација на квалитетна настава. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива