Симовски: Пописот се одвива со посакуван интензитет, до вчера се попишани 512.457 лица

Симовски: Пописот се одвива со посакуван интензитет, до вчера се попишани 512.457 лица

Скопје, 14. септември 2021 (ИНПРЕС) – Најголемата статистичка операција се одвива со посакуван интензитет, заклучно се вчера се попишани 512.457 лица, информира на прес конференција првиот човек на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.

Укажа на технички застои што веќе биле надминати и потенцира дека попишувањето и интензитетот се исклучително задоволувачки.

– Заклучно со вчера до 20:00 часот попишани се 512.457 лица, 158.519 домаќинства и 212.464 станови. Вчера, попишавме точно 93.235 лица, 29.491 домаќинство и 40.155 станови. Ова се навистина прекрасни податоци, особено што се работи за работен ден, за разлика од претходните кога беа за време на викенд и очекувано беа повисоки, бидејќи населението е дома. Исклучително сме задоволни и од темпото и од работата на попишувачите и се надеваме дека ваквото темпо ќе продолжи и понатаму и без никаков проблем ќе го завршиме пописот во предвидениот рок. Очекувам наредниот период да нема повеќе технички проблеми, но и да се случат, постои цел тим зад нас, кој постојано е подготвен и дежура. Има голем пописен штаб, каде што за секој дел и од техничките решенија и методолошките прашања веднаш се решаваат. Не очекуваме никакви проблеми и мислам дека некаде на крајот на месецот ќе објавиме конечно дека сме завршиле успешно со пописот и операцијата е целосно готова, вели Симовски.

Во однос на одбивањата за попишување тој вели дека се незанчителни, со тие лица се разговара по што прифаќаат да се попишат.

– Таму каде што имаме првично одбивање, одиме и разговараме. Оди нашиот државен инструктор и член на пописна комисија и досега, најчеста пракса е тие луѓе да се убедат и попишат. Не применуваме никакви санкции сé уште и се надеваме дека тоа нема да се случи до крајот на попишувањето, односно дека ќе успееме овие луѓе да ги убедиме дека, онаа пропаганда против спроведувањето на пописот се дезинформации и целта е сосема друга, изјави Симовски.

Клучно за попишување е матичниот број, а без документ истото не може да се направи. Таму каде што некој член не е присутен се договора термин кога ќе биде присутен за да се попише. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива