„Езерско“ ракометно дерби вечерва во Струга, но без навивачките групи

„Езерско“ ракометно дерби вечерва во Струга, но без навивачките групи

Охрид/Струга, 16. септември 2021 (ИНПРЕС) – Вечерва од 19:00 часот во Струга ќе се одигра ракометното „езерско“ дерби, во рамки на второто коло од Супер лигата.

Во премиерните натпревари од новата сезона „гладијаторите“ го совладаа Тиквеш, а стружани беа подобри од Радовиш.

Публиката се врати на трибините и ќе биде осми играч на теренот, но на вечерашниот натпревар ќе изостане присуството на навивачките групи „Рибари“ и „Паткари“.

– И покрај сите наши напори и заложби на секој можен начин, за жал добивме одговор дека имаме забрана да присуствуваме на дербито. Крајно сме разочарани и бесни од овој однос бидејќи дадовме план како може да присуствуваме и двете навивачки групи во одреден број спрема протоколите но слух за нашите барања немаше. Единствено добивме само закани со пријави и насилно отстранување од салата, доколку се појавиме на утрешниот натпревар. Спортските натпревари се за навивачите, потенцираат од „Рибари“.

Чуварот на мрежата на „гладијаторите“, Јагош Брауновиќ оптимист пред натпреварот со РК Струга

– Нè очекува многу интересен натпревар, знаеме за каква екипа се работи и колкава е вредноста на т.н. „езерско“ дерби. Ја прифаќаме улогата на фаворити и се трудиме да им укажеме на новите играчи кое е значењето на дербито. За победа сигурно ќе одлучува одбраната која ни е јака страна и нешто кое би го искористиле во наша корист. Дербито нема да биде вистинско дерби без верните „Рибари“ и „Паткари“. Ќе дадеме сè од себе и ќе играме за нашите „Рибари“ кои секогаш ни се како играч повеќе, вели Брауновиќ. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива