Бочварски: Има тренд на раст во авиосообраќајот, се работи  на новиот повик за субвенционирање летови

Бочварски: Има тренд на раст во авиосообраќајот, се работи на новиот повик за субвенционирање летови

Скопје, 22. септември 2021 (ИНПРЕС) – Авиосообраќајот бележи тренд на раст во споредба со минатата година кога поради Ковид кризата се воведоа рестрикции во меѓународниот авиосообраќај, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

– За споредба, во периодот јануари – август 2021 година, во однос на истиот период лани 2020 година, имаме тренд на зголемување од 48 проценти на летови на двата аеродроми, од кои на скопскиот аеродром имаме зголемување од 51 процент, а на охридскиот 17,4 проценти. Исто така, зголемување бележи и карго превозот од 60 проценти, што е доказ за раздвижување на авиосообраќајот, истакна Бочварски.

Моментално, од Меѓународниот аеродром Скопје има летови кон 39 дестинации во Европа и светот, а од охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ кон 10 дестинации.

Вчера почна да функционира и директната линија Скопје-Санкт Петербург, што заедно со претходно воспоставената Скопје-Москва значи многу како за бизнис патниците, така и за туристите, за зголемување на бизнис релациите, но и за подобрување на пријателските односи меѓу Република Македонија и Руската федерација.

Во однос на субвенционирање на летови, годинава тоа беше забрането поради Ковид пандемијата. Бочварски информира дека се исплатени само дел од средствата за летовите кон крајот на 2020 година, но голем дел од средствата во оваа ставка стојат зашто не се реализираа летовите по овој договор меѓу државата и „Виз Ер“. Најави дека веќе се работи на нов повик, па согласно трендовите и политиките ќе се носи одлука за повторно распишување нов повик за ваков тип субвенционирани летови.

Од авио секторот се надеваат дека состојбата ќе продолжи да се подобрува и нема да има нови рестрикции кои повторно би го запреле патувањето. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива