Фондација „Метаморфозис“: Охрид меѓу најтранспарентните општини, Пласница најзатворена

Фондација „Метаморфозис“: Охрид меѓу најтранспарентните општини, Пласница најзатворена

Охрид/Скопје, 23. септември 2021 (ИНПРЕС) – Општина Охрид е меѓу најтранспарентните општини според проценка на состојбата на доброто владеење во единиците на локалната самоуправа (ЕЛС) во Република Македонија за 2021 година, направена од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, а во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско учество.

Индексот на отвореност покажа дека во мерењето за 2021 година најдобри резултати имаат општините Охрид (51%), Василево (48%) и Кочани (48%), додека најниско е рангирана општината Пласница (3%)
Истражувањето покажа дека повеќето општини не работат доволно за да ги задоволат стандардите за отвореност. Резултатите во областите укажуваат на тоа дека ЕЛС применуваат ниски стандарди за консултации, транспарентност, мониторинг и контрола во нивното работење. Но, постојат големи разлики во отвореноста помеѓу општините, особено помеѓу планските региони – во Југоисточниот плански регион има просечна отвореност од 34%, додека во Полошкиот 19%.

Единиците на локалната самоуправа исполнуваат само 27% од индикаторите опфатени во под-областа финансиска транспарентност. Само 10 општини имаат објавено граѓански буџет, со што се скратува можноста граѓаните, на едноставен начин, преку графикони и илустрации, да го разберат буџетот.

Според резултатите добиени од истражувањето, голем дел од веб-страниците на општините не ги содржат основните информации барани со закон. Истражувањето покажа дека за прв пат годинава се објавени податочни сетови во целосно отворен (машински обработлив) формат од страна на некои општини. Такви се општините Охрид, Кавадарци, Прилеп, Василево, Зрновци, Аеродром, Штип, Ѓорче Петров, Вевчани, Желино, Куманово и Росоман.

Истражувањето беше спроведено од 1-ви јуни до 15-ти јули Методите на истражување беа преку проверка на веб-страниците на општините според дефинирани индикатори и прашалник доставен до општините за да се потврдат наодите добиени од онлајн мониторингот. Методологијата како основен извор за прибирање информации ги зема официјалните веб-страници на ЕЛС. Второто ниво од проверката за дел од индикаторите подразбираше процес на подготовка и спроведување на прашалник како истражувачка алатка. (Крај)

извор: Фондација „Метаморфозис“/ИнПрес фото: ИнПрес