Се одбележува Меѓународниот ден на знаковните јазици

Се одбележува Меѓународниот ден на знаковните јазици

Скопје, 23. септември 2021 (ИНПРЕС) – Обединетите нации кон крајот на 2017 година го прогласија 23-ти септември за Меѓународен ден на знаковните јазици.

Меѓународниот ден на знаковните јазици е единствена можност за поддршка и заштита на јазичниот идентитет и културната разновидност на сите глуви и наглуви лица и други корисници на знаковен јазик.

Темата за 2021 година на Светската федерација на глуви е „We Sign For Human Rights”, истакнувајќи како секој од нас – глуви и слушни луѓе ширум светот – може да работиме заедно рака под рака за да промовираме признавање на нашето право на користете знаковни јазици во сите области од животот.

Според федерацијата има повеќе од 70 милиони глуви луѓе ширум светот. Повеќе од 80% од нив живеат во земјите во развој. Колективно, тие користат повеќе од 300 различни знаковни јазици.

Во Република Македонија се користи македонскиот знаковен јазик, како јазичен систем за комуникација на глувите и наглувите лица. Македонската знаковна азбука може да биде изведена со една или со две раце, движења на главата, фацијална експресија, движење на устата и со движење на телото.

По повод денешниот ден, премиерот Зоран Заев преку видеообраќање, рече дека во соработка со Националниот сојуз на глуви и наглуви лица Владата дава поддршка за стандардизација на знаковниот јазик за што повеќе познавачи на овој јазик.

– Владата преку политиките за промовирање на можностите на граѓаните од заедниците на глуви и наглуви, го едначи знаковниот јазик со сите други говорни јазици. Тежнееме нашето општество да ја прифати во целост оваа вредност. Така создаваме пријателски средини за еднаков пристап и за вклучување на нашите сограѓани со оштетен слух во општествените и политички процеси, во секојдневниот живот. Системски работиме да го имплементираме стручниот кадар кој користи знаковен јазик во предучилишното образование, во градинките. Затоа што инклузијата започнува од најраната возраст. Во моите јавни настапи, секаде каде што е возможно вклучуваме знаковни толкувачи. И отворено повикувам оваа пракса да стане секојдневие кај сите функционери и општественици. Да го направиме сите заедно пристапот до информации што подостапен за нашите сограѓани со оштетен слух, рече Заев.

Претседателот Стево Пендаровски, преку знаковен јазик го честиташе Меѓународниот ден

– Да им овозможиме непречен пристап до знаковниот јазик и услугите на знаковен јазик на сите наши глуви и наглуви сограѓани. Да помогнеме да ги премостат бариерите со кои се соочуваат во комуникацијата со институциите. Да не заостануваме зад светот во унапредување на знаковните јазици како дел од јазичната и културната разновидност, напиша претседателот Пендаровски на Фејсбук.

„Социјалната положба и невработеноста кај глувите и наглуви лица, застапеноста на знаковниот јазик во нашата држава и процесот на негова стандардизација“, е темата на тркалезната маса што денеска ја организира денеска Националниот Сојуз на глуви и наглуви по повод. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива