82 години од печатењето на „Бели мугри“ на Кочо Рацин

82 години од печатењето на „Бели мугри“ на Кочо Рацин

Скопје, 25. ноември 2021 (ИНПРЕС) – Денес навршуваат 82 години одпечатењето на збирката песни “Бели мугри” од македонскиот поет и револуционер Кочо Рацин.

Во 1939 година, во градчето Самобор, во непосредна близина на Загреб, во печатницата на Драгутин Шпулер, излегла од печат „Бели мугри”. Збирката претставува извонредна поетска слика на најтипичните социјални појави во Македонија пред почетокот на Втората светска војна.

Стихозбирката „Бели мугри“ е составена од 12 песни, во 5 циклуси напишани на велешки дијалект со примеси од западно-македонските говори, во кои доминираат социјалните и револуционерните теми. Насловот на стихозбирката е симболичен – пејзаж кој е посакуван од работниците, аргатите и сите експлоатирани луѓе. Тоа е ново утро, нов почеток, нов живот во кој сите ќе бидат еднакви. „Бели мугри“ била создадена под влијание на народната поезија, како и на „Зборникот“ од браќата Миладиновци.

Таа е антологија на болките и страдањата на македонскиот народ – експлоатацијата на тутунопроизводителите, на монополските работници и на надничарите. Покрај ова, таа е проткаена со борбеност и револуционерен дух. Таа претставува стремеж за афирмација на македонската национална култура. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива