Царовска: Најдобро за децата е да бидат во училишните клупи

Скопје, 12. јануари 2022 (ИНПРЕС) – Секогаш ќе го штитиме интерсот на учениците кои главно треба да бидат во училиште. До последно ќе се координираме за начинот на одвивање на второто полугодие, изјави министерката за образование и наука, во заминување, Мила Царовска.

Најдобро за децата е да бидат во училишните клупи, каде не само што се стекнуваат со знаење, туку тоа е важно и за нивното ментално здравје и за социјализацијата, додаде Царовска.

– Во однос на второто полугодие сé уште сме во координација со Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести. Тие ја преоценуваат состојбата и секако дека другите сценарија стојат на располагање, но сепак сметаме дека последно треба да се затворат училиштата и први да се отворат и тоа се препораки не само на нашите здравствени служби, туку исто така и на меѓународни како што се Светска банка и УНИЦЕФ, рече Царовска.

На вчерашниот состанок Комисијата за заразни болести ја разгледа евентуалната можност за промена на почетокот на второто полугодие од учебната 2021/2022 година. Соопштија дека одлуката ќе биде донесена непосредно пред почетокот на второто полугодие, бидејќи клучно ќе биде каква е епидемилошката состојба во државата. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива