Се планира проширување на постојната инфраструктура на аеродромот „Св.Апостол Павле“

Се планира проширување на постојната инфраструктура на аеродромот „Св.Апостол Павле“

Охрид, 13. јануари 2022 (ИНПРЕС) – Во план е проширување на постојната инфраструктура на аеродромот „Св.Апостол Павле“ во Охрид, најави во интервју за порталот Ex Yu Aviation News генералниот директор на ТАВ Македонија Метин Батак.

Сепак додава дека тоа ќе зависи од повеќе фактори, пред сé од зголемувањето на авиосообраќајот.

– Градежните работи ќе се вршат фаза по фаза, во зависност од многу фактори, пред сé од зголемувањето на авиосообраќајот, како и од динамиката и реализацијата на проектот за рехабилитација на пистата на скопскиот аеродром. Влијание ќе има и новиот сој на корона, Омикрон врз ограничувањата на воздушниот сообраќај од земјите на ЕУ, каде што е концентриран речиси 80% од македонскиот авиосообраќај, вели Батак.

Батак: Сите сезонски летови кон Охрид се неизвесни

Првите знаци за закрепнување на авиосообраќајот во време на ковид пандемија беа забележани минатата година на скопскиот и охридскиот аеродром, особено за време на шпицот на летната сезона кога европските земји ја укинаа забраната за патување. Во првите 11 месеци од 2021 година, се регистрирани близу 1,3 милиони патници што е зголемување од 71% процент во однос на 2020 година, но е за скоро 50% помалку во однос на 2019 година кога ТАВ Македонија достигна 2,7 милиони патници на двата македонски аеродрома.

Батак додава дека неизвесноста што ја предизвика пандемијата ги отежнува проценките за авиосообраќајот за годинава.

– Иако постојат различни сценарија, глобалните воздухопловни тела предвидуваат закрепнувањето да продолжи во 2022 година и да достигне околу 80% од нивоата пред пандемијата. Генерално, закрепнувањето на македонскиот пазар треба да се движи во рамките на прогнозите на ACI за закрепнување на глобалниот авиосообраќај, иако како пазар во развој и брзо растечки, како што бевме пред кризата, може да се „издигнеме“ малку побрзо од развиената ЕУ. Анализата на ACI за европските аеродроми покажува дека во 2024/2025 година ќе се вратиме на предкризните нивоа. Затоа, нашите очекувања од околу 80% патнички сообраќај во 2022 година се во согласност со проценките направени од реномираните светски авијациски организации, истакна Батак.

Согласно моменталниот, зимски ред на летање, од скопскиот аеродром 13 авиокомпании сообраќаат до 36 дестинации. Од охридскиот аеродром, моментално две авиокомпании сообраќаат до седум дестинации. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива