Во една недела 24 новозаболени од сезонски грип во Охрид

Во една недела 24 новозаболени од сезонски грип во Охрид

Охрид, 14. јануари 2022 (ИНПРЕС) – Во првата недела од годинава, од 3-ти до 9-ти јануари во Македонија се регистрирани 470 случаи на сезонски грип.

Во вирусолошката лабораторија на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) пристигнати се 224 материјали за лабораториско тестирање на грип од кои 9 од сентинел САРИ надзорот, паралелно тестирани за грип и COVID-19. Притоа, детектирани се 40 (17,9%) позитивни случаи, 35 од рутинскиот надзор и 5 позитивни случаи од сентинел САРИ надзорот, сите Influenza A несубтипизирани. Од позитивните од рутинскиот надзор, кај 5 е потврдена инфекција со грип и COVID -19 истовремено.

Според податоците во Охрид се регистрирани 24 случаи, во Дебар – 156, во Тетово – 78, во Гостивар – 62, во Кавадарци– 42, во Куманово – 29, во Велес и Скопје – по 27, а во останатите ЦЈЗ/ПЕ, бројот на пријавени е помал од 10.

Во однос на возрасната дистрибуција, 270 лица се на возраст од 15-64 години, 121 кај деца на возраст од 5-14 години, 64 се регистрирани кај деца на возраст од 0-4 години и 15 лица на возраст над 65 години.

Кумулативно, од почетокот на сезоната, на државно ниво вкупниот број на заболени изнесува 2.183 и е за 5,5 пати повеќе во споредба со истиот период минатата сезона. Во Охрид досега се регистрирани вкупно 214 случаи на сезонски грип.

По месеци најголема дистрибуција на случаите има во декември.

Од 12-ти ноември минатата година заклучно со 9-ти јануари 2022 вакцинирани се вкупно 49.236 лица со бесплатна или комерцијална вакцина. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива