Охрид, 10. мај 2022 (ИНПРЕС) – Понудата на бесплатен влез за домашните посетители секој први во месецот во музеите и локалитетите што се под надлежност на НУ Завод и Музеј Охрид, не наиде на особен интерес, вели за Супер радио и InPress директорот на установата, Мишко Тутковски.
Од октомври 2021-ва до мај 2022 година, секој прв ден во месецот, влезот во Самуиловата тврдина, Галеријата на икони, Куќата на Робевци, Куќата на Христо Узунов и Музејот на вода – Градиште беше слободен.
– Оваа мерка која има за цел да изврши промоција и афирмација на културното наследство од Охрид беше искористена само од неколку групи ученици и помал број на граѓани од Охрид и Македонија, истакна Тутковски.
Додава дека со оглед на тоа што пред нас е летната сезона, оваа мерка ќе биде привремено укината, но по нејзино завршување бесплатниот влез во музеите и локалитетите повторно ќе може да го користат сите домашни посетители еднаш во месецот.
Тутковски се надева дека интересот за нашето културно наследство ќе се зголеми и дека ќе имаме повеќе посетители во следниот период. (Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес