Меѓународна конференција „75 години Институт за педагогија – Воспитно-образовни предизвици и перспективи“

Меѓународна конференција „75 години Институт за педагогија – Воспитно-образовни предизвици и перспективи“

Скопје/Охрид, 13. мај 2022 (ИНПРЕС) – По повод седум и пол децении постоење, Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје од 16-ти до 18-ти мај 2022 во Охрид ќе организира меѓународна научна конференција „75 години Институт за педагогија – Воспитно-образовни предизвици и перспективи“.

На конференцијата, која e под покровителство на претседателот на државава, Стево Пендаровски, се пријавени над 123 апстракти од 202 автори од вкупно 21 земја. Се очекува оваа научна конференција да придонесе да се направи своевиден пресек на образовните актуелни случувања во Македонија, а ќе се актуализираат и нови прашања и теми од областа на педагогијата и образованието. Учесници ќе бидат педагози, наставници, воспитувачи, универзитетски професори, студенти, ректори, декани, градоначалници.

– Целта на конференцијата е афирмација и промоција на нашата дејност пред пошироката академска јавност, како и создавање можност за продлабочена соработка со универзитетски професори, образовни експерти, истражувачи, едукатори, практичари и студенти од различни земји, соопшти проф. д-р Елизабета Томевска- Илиевска, раководител на Институтот за педагогија, кој е прва и најстара високообразовна институција за образование на педагози, наставници и воспитувачи во нашата држава.

Од конференцијата се очекува, како што вели, ретроспектива на последните случувања во воспитно-образовната политика, како и научен осврт за реформските зафати во нашиот образовен систем, примери од теорија и практика, да се дискутира за актуелните прашања од сите области и потсистеми на воспитанието и образованието, да се промовираат нови педагошки концепти и идеи и да се споделат резултати од најнови истражувања и иновации.

Програмскиот одбор на најавената меѓународна конференција го сочинуваат 45 универзитетски професори од 18 земји, а претседател е проф. д-р Наташа Ангелоска- Галевска. Во повикот за учесници беа наведени 41 тема од различни научни области – психологија, социологија, специјална педагогија, безбедност, историја, археологија, социјална работа и политика, уметност, физичко и здравствено образование итн. (Крај)

извор: ИнПрес фото: ИнПрес