Охрид, 24. јуни 2022 (ИНПРЕС) – После шест години, музичарот Антонио Пејоски промовира своја авторска песна, еден летен хит во најава.
Музиката и текстот се негово авторско дело, а аранжман микс и мастеринг изработи Методија Столески.
– Станува збор за брз динамичен летен хит што верувам дека ќе допре до слушателите. Инспирацијата доаѓа од модерниот стил што сега е актуелен, а што се однесува до текстот, љубовта е вечна инспирација и треба да ја споделуваме во сите можни форми. Освен мојот кантавторски дел, тука се и моите музичари-соработници кои ми помогнаа целосно да ја доловам оваа музичка приказна, Марко Лазороски на гитара и Кирил Митрески на клавијатури. Имавме прекрасна енергија и за време на снимањето на песната и на видео записот, па верувам дека истата ја чувствува и публиката, вели Антонио.
Спотот го снимаше Кристијан Љушев – Шпанец Продукција , на неколку локации (Galaxy Beach во Претор, Ресорт Coca Slivnica и Охридско Езеро). Како главни ликови во видео-записот се појавуваат Светлана Куциноска и Мартин Јузмески.
Антонио Пејоски досега има четири авторски песни, а наскоро ќе влезе и во дуетски води. За новиот музички проект засега не открива детали. Инаку тој со својот бенд и ова лето настапува во Македонија, Косово и во Грција. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива