Цветкоски: Пливањето во Охрид тапка во место, мора да се има основни услови за континуирана работа

Цветкоски: Пливањето во Охрид тапка во место, мора да се има основни услови за континуирана работа

Охрид, 30. јуни 2022 (ИНПРЕС) – Охрид важи за расадник на талентирани и докажани пливачи. Пример се Атина и Дики Бојаџи, Климе Савин, Александар Маленко и ред други, кои постигнувале меѓународни успеси.

За пливањето како спорт и значењето за здрав развој на телото, разговараме со Славчо Цветкоски, поранешен меѓународен и државен првак, за него велат дека е „охридскиот делфин“. Денес е тренер, кој активно работи на создавање нови пливачки имиња кои ќе излезат од нашиот град.

Супер радио: Славчо,ти си поранешен меѓународен и државен првак, пионерски и кадетски државен рекордер во дисциплините 50 и 100 метри делфин. Кажи ни накратко за твоите почетоци.

Цветкоски: Со пливање почнав да се занимавам од своја 9 годишна возраст, членувајќи во тогашниот охридски клуб што беше под водство на професорката Соња Думбаловска Делова, која воедно ми беше и ментор кога почнав да навлегувам и во тренерските води. Летно време часовите ги реализиравме на отворениот пливачки базен во Охрид, додека на зима часовите ги реализиравме во затворениот пливачки базен во Струга.

Супер радио: Сега си веќе тренер. Дали Охрид има наследници на Савин, Бојаџи, Маленко, Поп Ацев…

Цветкоски: За жал, откако се затвори пливачкиот безен во Струга, пливањето во Охрид сосема замре. 20 години немаме континуитет на работа. За да се биде успешен спортист и пливач, пред сé, мора да се има основни услови за непрекината и континуирана работа. Со затворањето на пливачкиот базен во Струга, пливањето во Охрид стагнира.

Супер радио: Дали си строг тренер и кој е твојот мотив за работа со деца?

Цветкоски: Себеси не се доживувам како строг тренер, меѓутоа за да има успех, за да се постигне резултат, пред сé треба да се има едно ниво на дисциплина. Мојот мотив за работа е тоа што сакам да го вратам Охрид на светската и македонската пливачка мапа каде што мислам дека и заслужува.

Нема достапен опис

Супер радио: Најмладите охриѓанчиња и летово ќе может да навлезат во тајните на пливањето, во тек се уписите за летната пливачка школа на клубот „Акваспирит“. Каков е одзивот досега, кога почнувате и во кои термини?

Цветкоски: Како и секоја година Охрид на лето има доста голем интерес за пливање. Слободно можам да кажам дека само во нашата школа, во летниот период членуваат над 200 дечиња. Со реализација на часовите почнуваме од понеделник, 4-ти јули, а термини ќе има и претпладне и попладне.

Супер радио: Во исчекување на затворениот базен, часови одржувате само на лето, а преку зима се снаоѓате со базените во охридските хотели. Еве сега е реновиран отворениот базен и колку е важен затворениот базен?

Цветкоски: Голема благодарност до општина Охрид, градоначалникот Кирил Пецаков и до ЈП „Билјанини извори“, кои овозможија оваа година условите на отворениот пливачки базен да се далеку, далеку подобри во споредба со годините наназад. Следниов месец планирано е да се одржат две натпреварувања во склоп на базенот. Едно Државно првенство и еден Меѓународен митинг, на кој ќе учествуваат пливачи од Србија, бугарија, Албанија, Косово. Значењето на покриен пливачки базен во Охрид е огромно. Гледано од спортски аспект за да има успеси, за да има пливање, мора да има основни услови за работа, континуирано работење, така што ако не се отвори базенот, мислам дека пливањето во Охрид ќе тапка во место.

Супер радио: И за крај совет, кој е „рецептот“ да се стане успешен пливач?

Цветкоски: Рецепт.. Како и во секој спорт така и во пливањето пред сé мора да се има љубов, да се има желба, пожртвуваност, работа и континуитет, со што мислам дека успехот е неизбежен. (Крај)

извор: ИнПрес фото/видео: ИнПрес