Утре се отвора изложбата „Интимно Понирање“ од Трајче Чатмов

Утре се отвора изложбата „Интимно Понирање“ од Трајче Чатмов

Охрид, 30. јуни 2022 (ИНПРЕС) – Во петок, на 1. јули 2022 година, во галеријата во Куќата на Робевци, ќе биде отворена самостојната изложба „Интимно Понирање“ од авторот Трајче Чатмов.

Ќе бидат изложени дваесетина дела работени во последната година во техника акрил на платно. Слики кои досега не биле изложени и кои се продолжување на циклусот „Интимно Понирање“, но и слики со една нова колористична гама.

За неговиот последен циклус на дела професорот Гоце Наневски ќе каже:

Дали закопувањето на контаминирана земја со цезиум во земјена дупка, е чин со кој ја спасуваш останатата земја и се на неа? Дали ако носиш парче од некое свое дело во џебот го носиш и целото дело? Дали ако си говориш себе си на некој неразбирлив јазик, е разговор со самиот себe? Дали возењето со ист автомобил во кој се возел друг човек значи дека си се возел со истиот човек? Понекогаш е полесно нештата да ги предвидиш одколку да ги погледнеш наназад. Добро е да гледаш нанапред со сликата. Малку гледаме нанапред иако иднината го бара тоа од нас. Сакаме да ја менуваме иднината, таа е мистериозна, таа нуди дарови и слики. Погледот на минатото е поглед на слика од коцки и кругови(намерно не велам топки), таа не учи и ја има моќта да не охрабри. Можните истории ги нуди само иднината, оној момент кога ќе го разбереме тоа, разбираме зошто минатото е такво. Сакаме ли некако наназад да ја (по)влечеме иднината? Дали можеме да бидеме во исто време и во минатото и во иднината? По некаква логика тоа е (не)можно, или ако еден лист хартија го превиткате на пола, две точки од него ќе се најдат на исто место. Создавањето уметност врз почва полна со „храна“ е убаво. Дискусијата за создавањето уметност секогаш треба да го има предвид времето во кое таа е создадена. Дискусијата за создавањето уметност секогаш треба да ги има предвид општествените услови во кои таа е создадена. Нема добри услови за создавање уметност. Добрите услови се одтаде уметноста. Диктатурата е едно од местата во кои се создавало уметност. Медиумскиот „розев“ мрак исто така. Мракот и светлината се услови во кои е подеднакво создавано. Мракот и светлината се како просторот и формата. Просторот ја дефинира формата. Сликарството кога е различно има можност да биде објаснето. Почитта е етички-ликовен момент. Сликарството има моќ да учи. Без учење нема сликарство. Рефлектирањето вон сликарството е утопија. Рефлектирањето во сликарството е историја или повеќе можни истории. Еднаш напишав: „Предзнаењата се одлични“ и „Легендите се за читање“. Сега дополнувам: „Читајте ги сликите на Чатмов!“

извор: ИнПрес фото: ИнПрес