Missing image

Вечери на поезија и афоризми во Струмица

Струмица, 9. август 2014 (ИНПРЕС) – Од 10-ти до 12-ти август во Стгрумица, ќе се одржат вечери на поезија и афоризми.

На 10-ти август ќе биде организирана Вечер на млади поети, каде ќе се претстават: Елизабета Муканова, Филип Димкоски и Мирна Трпкова.

И годинава ќе има спој на млади поетски крикови кои ќе ги дополнуваат ветераните на поезијата во Македонија. Публиката ќе може да ужива во едночасовен марш на зборовите надополнет со звуците на класични инструменти од млади талентирани струмичани.

Елизабета Муканова е матурант во струмичката гимназија СОУ „Јане Сандански“. За своето творештво таа има добиено девет регионални и национални награди на различни конкурси. Меѓу нив е и престижната трета награда за есеј на конкурсот распишан од Министерството за образование, по повод десет години од смртта на претседателот Борис Трајковски.

Филип Димкоски е гимназијалец во СОУ „Мирче Ацев“ – Прилеп кој има издадено две поетски збирки и досега е наградуван и објавуван не само во Македонија, туку и во Чиле, Босна и Херцеговина, Србија и Бугарија.

Мирна Трпкова е уште еден матурант кој е активен на поетските читања во Струмица и низ Македонија. Без влакна на јазикот ги упатува нејзините зборови директно до разумот на нејзините читатели, особено до оние кои поумешно го користат.

На 11-ти август ќе се одржи Вечер на поезија, со настап на познатите поети Марта Маркоска, Христо Петрески и Јовица Тасевски – Етернијан.

Марта Маркоска е член на Друштвото на писателите на Македонија и досега има објавено четири авторски книги: збирката песни Стрмоглаво кон височините, за која е добитник на наградата Ацо Караманов (2012 год), збирката есеи Хипер Хипотези (2011 год.), збирката раскази Вител во Витлеем (2010 год.) и збирката песни Сите притоки се слеваат во моето корито (2009 год.). Во моментов е докторанд на Културолошките студии при Институтот за македонска литература во Скопје.

Христо Петрески е роден на 4 февруари 1957 година во Крушево. Завршил Економски факултет. Основач е и директор на Издавачката куќа “Феникс” и Фондацијата “Македонија презент” – Скопје.Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1985 година. Еден е од основачите на списанието “Стожер” и манифестацијата “Празник на липите” при ДПМ. Сега е главен и одговорен уредник на списанието “Книжевна Академија” на Издавачката куќа “Феникс” и Фондацијата “Македонија презент” – Скопје

Јовица Тасевски – Етернијан Јовица Тасевски – Етернијан (роден на 25 јули 1976 год. во Скопје, Република Македонија) е македонски поет, есеист, критичар и преведувач. Дипломирал општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Работи во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје. Уредник е на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“ – Прилеп. Неговата поезија е застапена во повеќе антологии и преведена е на околу 15 јазици, како: англиски, руски, полски, унгарски, романски, грчки, српски, хрватски и словенечки јазик.

Вечер на афоризми ќе биде организирана на12-ти август.

На една од отворената културно-уметнички сцени ќе се „истурат“ како грст неколку познати афористичари кои се активни и имаат објавено многу свои книги.

Етаблирани имиња на македонската афористичка сцена ќе донесат посебен драж на летната сцена покрај езерцето. Со свои афоризми ќе се претстават: Ристо Филчевски, Ацо Ѓоргиев, Ѓорги Панов, Миле Ѓоргијоски, Ленче Стоименова и Јане Атанасов. (Крај)

извор: Инпрес фото: архива