Auto Draft

Почина поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе откако беше застрелан на митинг

Нара, 8. јули 2022 (ОХРИДПРЕС) – Поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе почина откако денеска беше застрелан додека држеше говор на предизборен митинг во градот Нара, потврдија од неговата партија.

Шеесет и седумгодишниот Абе бил застрелан одзади и лекарите кажаа дека раната била толку длабока што допрела до срцето.

– Лекарите четири и пол часа се обидуваа да му го спасат животот на Абе. Притоа беа искористени над 100 единици крв. На телото на Абе се пронајдени две рани, но куршуми не се најдени за време на операцијата, соопштија од Универзитетската болница во Нара.

Атентаторот не се обидел да избега по пукањето и веднаш бил приведен. Тој е идентификуван како поранешен припадник на јапонските маринци, при што наводно пукал со пиштол од домашно производство. Четириесет и едно годишниот Тецуја Јамагами ѝ рекол на полицијата дека бил незадоволен од Абе и сакал да го убие.

Лекарите кажаа дека Абе веќе бил во критична состојба кога бил донесен во болница.

Абе беше премиер со најдолг стаж во историјата на Јапонија. Првпат беше избран во 2006, кога остана на функцијата една година, а потоа беше премиер од 2012 до 2020, кога се повлече од здравствени причини. Тој е првиот убиен актуелен или бивш јапонски премиер од 1930-ите.

– Овој напад е чин на бруталност што се случи за време на изборите, кои се основата на нашата демократија и затоа е непростлив, изјави премиерот Фумио Кишида. (Крај)

извор: Сакам да кажам фото: архива